Ние, токму таму, во царството на чудната рипка, дедото рибар и нескромната бабичка
Драги наши, ајде да погледнеме различни, весели активности кои можат да се применат при обработка на лектирата „Сказна за рибарот и рипката„ заедно со работни листови и неколку креативни идеи за изработка и примена на ресурси кои овозможуваат креативна стимулација, позитивна работна клима, максимална вклученост на секое детенце и многу радост на часовите за читање. Но, не само тоа. И овој пат, јас се обидов оваа, овој пат „рибарска магија„ да трае и трае, и во следните денови, не само за време на двата дена предвидени за обработка на лектирно дело. За таа цел содржината и ликовите на оваа убава сказна, омилена на дечињата, ги искористивме и за реализација на цели од граматика и математика во следните денови.
За тоа ќе ви раскажеме малку подоцна а сега ќе започнеме со претставување на неколку наши читачки кутии, изработени од дечињата за време на читање на ова дело. Изработката на вакви кутии за време на читање лектирно дело е детално објаснето во прилог на следниот линк: ИНТЕРАКТИВНИ ЧИТАЧКИ И АВТОРСКИ КУТИИ. Дечињата не се обврзани да изработуваат вакви кутии но од досегашото искуство таа е нивна омилена активност која читањето лектири го претвара во креативен процес. Поставени на подот, во импровизирано читачко катче, ја привлекуваат љубопитноста на секој голем и мал гостин во нашата училница. Во нив е скриен светот на оваа сказна а ние сите со радост би ви ја објасниле секоја ситница скриена во кутиите.
ИНТЕРАКТИВНО ЧИТАЊЕ-СЦЕНА НА МАСА
Оваа сказна со волшебна но пократка содржина во споредба со други лектирни дела, може во целост да биде прочитана за време на самиот час. Дечињата на овој начин ќе имаат прилика да вежбаат изразно и течно читање на глас. Припремате на ресурси за оваа сцена ја направивме на крајот на претходниот работен ден. Дечињата досетливо трчкаа низ училницата и ме потсетуваа кои играчки од нашите збирки може да се искористат за оваа цел. Така ги собравме неколкуте куќички декорации, замокот од Снежана, бродот од сетот за воден сообраќај, зелената трева од сетот велигденски декорации, мрежа од топка, син најлон за сино море, песок и камчиња од научното катче..За миг, нашата сцена навистина наликуваше на сцените од оваа рибарска сказна. Случајно и за среќа, тука сосема се вклопија играорецот и играорката, сувенири кои ги чуваше мојата мајка од некое патување.
Читачи за време на оваа активност се самите дечиња. Се менуваат еден по еден на мој знак. Се обидувам пресеците да ги правам според улогата која се менува во текстот. Секое дете читач има свој помошник. Помошникот има задача да го слуша текстот и соодветно да ги размесува сцените, ликовите, предметите. Останатите дечиња се нашата внимателна публика која ужива во секој настан на сцената и нестрпливо го чека својот ред за читање затоа што читачот после читањето останува во улога на помошник на следниот читач.
Подготвив и две НАЛОГ КАРТИЧКИ. На едната пишува СТОП ПАУЗА. Неа ја користам во мигови кога сакам да го прекинам читателот со цел на дечињата да им поставам некое интересно прашање од типот: Што зборува рибата? Како би постапиле вие кога би фатиле златна рипка која зборува? Што мислите за оваа постапка на бабата? Вие што би посакале?...Вие како би постапиле да сте на место на рибата во овој миг?....На другата картичка пишува ПРЕСЕК-Раскажи свое, ново продолжение..И двете картички навистина ги задоволија моите очекувања за време на примената. Секако дека истите наредби можат да се зададат и усно, без да бидат напишани, но вака, при работа со повеќе ресурси, картичките од една страна, мене лично ми помагаат навремено да обрнам внимание и внесам предизвици за време на читањето, а од друга страна, на дечињата им се интересни, поинтересни од тоа само да чујат збор СТОП.
Овој начин на читање на лектирно дело може успешно да се примени и со поголем број на ученици, распоредени во групи до 10 ученика и сцени на масата на секоја група. Сцените може да се направат и со цртежи и апликации кои би се разместувале. А впрочем, секоја група дечиња би била среќна да се обиде да си обезбеди ресурси за своја сцена доколку едукаторот на време им покаже свој пример за лесно и досетливо вклопување на разни играчки и предмети кои секој ги има некаде во домот. Групите , така спреми од претходниот ден, беспрекорно ќе функционираат во корист на целите и без посебно внимание од страна на наставникот, но секако тука би го отфлиле делот со стоп картичките за прашања.
СЕКОЈ ЛИК СВОЈА ТЕГЛИЧКА
Ова е уште еден интересен начин за забавно и брзо навраќање на целата содржина на оваа веќе прочитана сказна, проследено со анализа на ликовите, постапките, поуките и пораките од типот: ПОУКА- Нескромните луѓе често ризикуваат, не знаат да се задоволни од ништо и на крај губат...ПОРАКА- Биди скромен и учтив. Учтивоста нека биде твоја навика и обележје, а за скромноста води сметка внимателно и контролирај ја свесно...и слични. Дечињата ги сакаат тегличките. Затоа ајде да го искористиме тоа сознаније и да ги вметнеме како наставно средство и овој пат:
Преку оваа игра со теглички едукаторот има прилика да ги следи реакциите на учениците и да прави проценка околку две прашања-Кој ја прочитал лектирата и кој читал со разбирање на содржината. Но да одиме по ред. Најпрвин потребни се три празни теглички и пластелин. Едукаторот може сам претходно да ги украси тегличките а на самиот час да пристапи со реализација на целите но сепак подобро е да изведе интеграција со часот по ликовно образование на кој дечињата сами би ги украсувале теглички со ликовите од сказната (во групи по три дечиња за секој сет теглички) Во овој случај интересно e да им дадеме задача плус: да ги наполнат тегличките со пишувани податоци-посебно ливче со запишан опис на секој лик, посебни ливчиња со цитати од интресни ситуации поврзани со ликовите, цртеж од највпечатлива сцена со секој лик, порака до секој лик и слично...Верувајте, сите тимови успешно ќе ја завршат својата работа обидувајќи се нивните теглички да бидат што побогати со записи. На крајот групите ротираат, одат во посета и откриваат што кријат нивните другарчиња во своите теглички.
А сега да се вратиме на опис на уште една игра која може да игра со еден сет вакви теглички:
Средства: Три празни теглички со ликови, копирани извадоци од важните текстови во кои зборуваат ликовите и писателот. Кесичка во која ќе бидат измешани сите текстови. Работен налог за работа-картичка:
1. Извлечи ливче
2. Прочитај го текстот на глас-Биди имитатор. Имитирај го ликот за време на читањето.
3. Кажи ни кој лик зборува? Во која тегличка треба да го ставиш текстот?
4. Што мислиш за кажаното? Би го пофалил или би го посоветувал нешто овој лик за кажаното? СОВЕТ-ПОРАКА-ПОУКА
И останатите дечиња имаат право да се вклучат со свои мислења околу четвртата точка но секако и претходно доколку другарчето има потреба од помош. Сите дечиња по ред извлекуваат по едно ливче, ја повторуваат постапката се додека не се искористат сите ливчиња од кесичката. На крајот нашите теглички ќе бидат полни со извадоци од омилената сказна.
За да обезбедиме што поактивна вклученост на сите дечиња, оваа активност со тегличките се изведува со една група ученици додека другата група има своја интересна задача(прилог долу) По завршување на активностите групите ротираат .
ПРЕДЛОГ ИГРА ЗА ВТОРАТА ГРУПА-РЕДОСЛЕД НА НАСТАНИТЕ ОД ПРИКАЗНАТА
Средства: Кесичка во која се ставени печатени копии од текстовите на ликовите и други важни делови од сказната (исто како за првата група), лента (од текстил или хартија) шише со отвор а во него слики, копии од различни слики од приказната, налог во кој е опишана задачата на групата.
Дечињата од оваа група имаат задача тимски да ја состават лентата од текстови и слики по правилен редослед на развојот на настаните во сказната. И двете активности се мошне интересни за дечињата и со успешност го задржуваат вниманието на секое детенце.
АНАЛИЗА НА СКАЗНАТА
Работникот лист ОКТОПОД служи за запишување на различни прашања поврзани со ова дело. Дечињата кои го прочитале и разбрале ова дело ќе умеат да состават и по неколку различни прашања кои почнуват со ист прашален збор. Кажете им само еден свој пример за да им биде лесно да разберат која е нивната задача. Пример прашања за полето „ШТО„: Што ви остави најголем впечаток во приказната? Што е најчудното нешто што се случи? Што побара бабата вториот пат? Што му одговори рибата на дедото за време на последната средба?...
Копирајте го овој лист двострано за секое дете-Дечињата лесно ја разбираат задачата и може да се случи да им треба повеќе простор за запишување на повеќе различни прашања во исто поле. Потоа дечињата во парови си ги разменуваат листовите и ги одговараат заедно запишаните прашања. Проверката на прашањата може да ја направи и едукаторот и воедно да избере по неколку различни прашања кои ќе се постават на ниво на клас. Истиот организатор може да се применува и при обработка на други дела, текстови и песни.
РАБОТЕН СЕТ ЗА АНАЛИЗА НА ПРИКАЗНАТА
Во прилог е поставен работен сет за анализа од 4 страници. Сетот треба да биде испечатен, може и во мал формат, за секое детенце по еден или за работа во парови. За време на работата дозволени се взаемни консултации помеѓу дечињата. Секое дете може да бира каде ќе седи за време на активноста. Така имаме релаксирана работна атмосфера во која сите се активни и задоволни, без чувство дека некој строго го следи и оценува секој нивни запис.
Едукаторот, ненаметливо ја следи работата, се вклучува со интерес да прочита што секој пишува тековно и така лесно може да забележува индивидулани разлики при анализата а сепак овој работен сет да не биде доживеан како тест од страна на дечињата.
ПРЕВРТЕНИ И НОВИ ПРИКАЗНИ ЗА СКРОМНАТА БАБА, РИБАРОТ И РИПКАТА
Оваа сина куќичка е дом на новите авторски приказни на моите дечиња. Во нашите нови приказни можеме да прочитаме за секојдневието на скромна бабичка, културна и учтива жена која грижливо се однесува кон дедото, му помага во рибарењето и има многу скромни желби...Дури можеме да прочитаме и различни верзии на приказни за бабата која уловила златна рипка а потоа имала секакви згоди и незгоди со својот нескромен дедо..Ова беше интересна задача за дечињата. Всушност оваа задача и воопшто не беше зададена како задача за нив. Едноставно, ја подготвив куќичката за приказни, ја изложив во училницата, од не го извадив и прочитав мојот спремен текст, обид за пишување на нова сказна со истите ликови и потоа ги поканив да ми се придружат во пишувањето текстови за нашата збирка доколу имаат идеи и желба за пишување на ваква домашна задача. Уште следниот ден моите партнери имаа свои приказни многу поубави и поинтересни од онаа што сама ја напишав како пример за поттик. Со ова уште еднаш се потврдува моќта на дидактичката стимулација и вклучувањето на наставникот како партнер во учењето.
ПОРАКА И ПОУКА ПРЕКУ ДРАМСКИ ИГРИ-„СКРОМНАТА И УЧТИВА БАБА„
За изведување на вакви драмски игри не се потребни посебни срдства ниту одземаат голем дел од часот доколку се комбинират со други активнсти: Марама и фута за девојчиња, може и некој сад и лажица, капче, стапче и нацртани мустаки за дедото. Не е потребна дури ни подготовка на текстови за игра. Интересно е дечињата да се снаоѓаат на лице место и токму таму, во истиот миг да се раѓа содржината на приказните. Смешно, забавно но и поучно доживување. Дечињата умеат да имитираат каква всушност треба да биде бабата, добра, учтива, грижлива кон дедото и скромна во своите желби. Преку овие спонатни драмски игри дечињата лесно ги рефлектираат и пренесуваат до другите своите впечатоци, пораки и поуки од сказната вметнувајки искуства од својот живот и опкружување..Не ги задолжувајте да ја интерпретираат целата содржина доколку на тој час имате предвидено комбинирани активности. Тогаш дозволете им да имитираат делови кои им се впечатливи.
ГРАМАТИЧКИ ВЕЖБИ-проверка на постигања со ротација во два центри
ИМЕНКИ, ГЛАГОЛИ, ПРИДАВКИ
Приказните се клучот за привлекување на вниманието на дечињата а од нас зависи дали и како ќе се одлучиме да ги искористиме. Во оваа прилика, поттикната од интересот на дечињата за оваа сказна, ликовите, предметите и настаните од неа ги искористив и на час за реализација на цели од граматиката
Првата група дечиња работи на пополнување на работни листови, по два за секое детенце, прилог горе.(за индивидуална работа). Како извор на зборови и идеи за реченици ја користат сценската поставка од сказната. На овој начин, преку овие работни листови имам прилика да проверам ниво на примена на знаење за наведените теми кај секое дете поединечно. Самата поставенот на дечињата, неформалната атмосфера, играчките на масата, слободата за движење...прават голема разлика во начинот на доживување на еден работен налог за проверка на знаење.
ВТОРА ГРУПА-ЗБОРОВИ ВО ВОЗДУШНИ БАЛОНЧИЊА
Втората група дечиња има задача да направи збирки од именки, придавки и глаголи. За таа цел секое дете има задача:
1. Да ја користи книгата за извлекување на зборови и зборовите да ги запишува на посебни ливчиња, еден збор-едно ливче
2. Ливчињата со зборови секој ги складира пред себе во 3 посебни кесички со назнаки.
3. На знак на наставникот дечињата на ниво на цела група пристапуваат кон разгледување на содржината на секоја кесичка за да се откријат евентуалните грешки. Значи, тука веќе имаме слободна форма на самооценување и взаемно оценување. Сите правилно класифицирани зборови одат во една зедничка кесичка (посебна за именки, посебна за придавки и една за глаголи)
На знак на наставникот следува ротација на дечињата во двата центри. Активноста се повторува идентично. Обидете се да класифицирате зборови во кесички-балончиња. Граматиката на овој начин станува забавна игра која на крај има свој интересен производ.
МАТЕМАТИКА СО ДЕДОТО И БАБИЧКАТА ОД НАШАТА ОМИЛЕНА СКАЗНА
Множиме, дуплираме, преполовуваме, собираме- едноцифрени, двоцифрени и трицифрени броеви
За реализација на овој бајковит, математички час, ја искористив одамна подготвената шема од приказната Кошулката на Видек. Овој пат наместо Видек, пајачето и пајчето, како ликови ги внесовме бабата и дедото од сказната за рибарот и рипката заедно со неколку детаљи за освежување (куќа, магаренце, бродче..) Дечињата ми помогнаа да ги зголемиме старите запишани броеви со кои си игравме во второ одделение. Така со допишување на цифри некои ги претворивме во двоцифрени а некои во троцифрени броеви.
Децата се движат низ шемата со завртување на две коцки и множење на броевите од коцките еден со друг. Тука немаме натпревар за брзо стигање до целта зато што сите дечиња играат со две фигура за игра (бабата и дедото ставени на спротивни краеви на шемата). Се менуваат еден по еден за секој следен чекор(задача) избирајки дали ќе играат со дедото или со бабичката. Секое дете пред себе ја има својата тетратка во која прави пресметки а потоа сите си ги проверуваат на даден знак за да откријат кој правилно пресметал. Штом се стигне до едно поле, јас веднаш проценувам која задача можам да им ја зададам според големината на бројот и барам од нив да пресметаат. Така, мојата задача е веднаш да проценам дали бројот на кој се наоѓа дедото можеме да се обидеме да го дуплиреме, преполовиме или помножиме или делиме со збирот или производот на броевите од двете коцки.
Секако, играта може да се игра и без коцки, со почетно задавање на еден предизвик. Пример: Дуплирај го секој број на кој ќе застанат дедото или помоножи го со 3 секој број на кој стои бабичката. Вака, дечињата можат да играат без дополнителни инструкции од моја страна и верувајте таа игра трае и трае, сосема успешна и со максимална ангажираност на секој вклучен ученик. Истата шема може да се користи и за време на други часови по математика за други конкретни цели, без посебни прилагодувања. Во секој случај, самото дружење со омилените ликови може да помогне во доживување на математиката како игра во кој дечињата учат од своите грешки и едни со други со взаемно менторство.
Автор Весела Б. 2015 година