ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА ДВОЦИФРЕНИ БРОЕВИ ДО НАЈБЛИСКА ДЕСЕТКА
ПРИКАЗНА ЗА НАЈБЛИСКАТА СОСЕДКА, ДЕСЕТКА
ЦЕЛИ и ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ- Брои нанапред и наназад по 1. Заокружува двоцифрени броеви до најблиска десетка. Го објаснува начинот на размислување. ЗАБЕЛЕШКА- Преку оваа активност иниректно се рализира уште цел од програмата-Препознавање на броеви кои се наоѓаат помеѓу две полни десетки.
Средства за воведната активност- Табела 100, сликите понудени долу- на зидно пано или на интерактивна табла, на место видливо за сите, понудени истовремено. Многу е важно ова да го воочат и на Табела 100 затоа што на неа, за разлика од сликиве од приказната, десетките се една над друга па враќањето е повеќе воочливо што е особено важно за да стекнат децата навика, разбирање на различниот пристап за исто барање. Така вежбаме броење нанапред по еден и наназад, одземање кон помалата десетка.
И денес користам драмски метод- Разговор во прво лице
''Приказна за најблиската соседка, десетка''
Избирам број на табела 100, го заокружувам и зборувам од негово име- Јас сум госпоѓа 34
Вчера цел ден чистев низ дома, дури и пеглав и готвев а денес сакам да пијам кафе со една од пријателките, наблиските соседки, десетки. Ја гледам соседката 30, ене ја таму на прозорецот (заокружувам) ама се мислам дали да одам кај неа или кај соседката 40 ама некако сум уморна, која би можела да ми е поблиску? Ако тргнам кон соседката 30 треба да се поздравам со соседките 33, 32, 31 и тука сум( ги обележувам). Ако пак тргнам да одам кај соседката 40 ке треба да се поздравам со соседите 35, 36, 37, 38, 39( ги обележувам) Вие што мислите? Која соседка ми е поблиску за да не се уморувам многу? Зошто? Децата ја решаваат задачата во својот работен лист за индивидуална работа.
Потоа го избирам бројот 73
Повикувам еден ученик и го охрабрувам да ни раскаже нова приказна за бабичката 73 на сличен начин(Раскажување по аналогија) . Останатите ученици следат и ни помагаат. Прво на Табела 100 а потоа на оваа слика. Секој индивидуално решава во својот работен лист.
Сега повторно ја превземам главната улога, го избирам бројот 45 и зборувам од негово име.
Јас сум господин 45.
Ја покажувам сликата но веднаш се враќаме на табела 100. Вчера цел ден работев во гаражата а сега ми се оди на прошетка со некоја пријателка, најблиска соседка. Ене ја гледам госпоѓа 50. Колку станови треба да поминам за да стигнам до неа? 46, 47, 48, 49. А ако тргнам да ја повикам госпоѓа 40 колку станови има до неа? 44, 43, 42, 41. Што забележувате? Која соседка ми е поблиску? (Броиме и забележуваме дека и во двата случаи има еднаков број) Што да правам сега?( оставам простор за мислење на децата и разговараме) Јас сепак мислам дека треба да одам да ја повикам госпоѓа 50, таа е поголема, постара и ќе се израдува на честа.
Потоа избирам уште еден број кој на место на единици има 5ка. Зедно со децата размислуваме и за овој број. Така се договараме дека во вакви случаи ние секогаш ќе ја избираме поголемата соседка, наблиска десетка.
РАЗМИСЛУВАЛКА СО КОЦКИ ( И коцките сакале да одат на гости)
Најпрвин играта ја играм јас а дечињат ме следат и на крајот треба да погодат што правев тука. Што сакам со ова да покажам? Извлекувам уште еден број и овој пат ги повикувам да ме водат и да ми кажуваат што се треба да направам по ред за да откријам и докажам која е најблиска соседка на овој нов број. Потоа секое дете извлекува КОЦКА со број и има задача- да претпостави која десетка му е поблиска а потоа тоа треба да го провери и докаже со пишување на броевите наназад кон помалата десетка и нанапред кон поголемата десетка. Вака ќе изброи, воочи и разбере кон која десетка има помалку пат за поминување и му е поблиска на избраниот број.
РАБОТА ВО ДВЕ ГРУПИ со РОТАЦИЈА ПО ИЗВЕСНО ВРЕМЕ
ПРВА ГРУПА
На масата имаТабели 100 за помош, 10 тегли на кои се напишани десетките а пред нив измешани карти или жетони со броевите до 100. Треба да ги распредат картичките во соодветна тегла- најблиска десетка и да го забележат бројот на Табелата или обратно, онака како што чувствуваат дека им е полесно. Работаат во парови. Едниот ученик извлекува и проценува каде треба да оди бројот но и објаснува зошто така мисли (Најчесто децата се повикуваа на ликовите од приказната и играа игра- Јас сум господин....Ако тргнам да одам кај ....Броеја со враќање и со додавање) Другиот ученик во тој миг е учител, следи, ја проценува точноста, дури и помага со објаснување ако треба, а потоа улогите се менуваат. НАПОМАНА- Уште пред почеток на играта се имаме договорено дека најважно е да објаснуваме зошто тој број треба да оди баш во избраната тегличка. Паровите ги бирам јас а при тоа водам сметка да спојам напреден ученик со ученик на кој му треба помош, но овозможувам тоа воопшто да не се почувстува бидејќи и на двата ученици уште на старт им објаснувам дека ќе си бидат учители еден на друг ,со менување на улогите.
ВТОРА ГРУПА- Работен лист ''ТЕГЛИЧКИ''
Најпрвин им го покажувам работниот лист и ги охрабрувам да погодуваат што ќе треба тука да се прави за да се заврши задачата правилно. Потоа за неколку броеви одлучуваме заедно и објаснуваме зошто така сме избрале. За таа цел користам два примероци од работниот лист кои се во боја, ставени во најлон за документи за да може да се пишува врз нив но и лесно да се избрише. Користиме Giotto фломастери затоа што лесно се бришат со влажно марамче па работниот лист може да биде повторно спремен за повторна употреба. Сега секое дете работи на свој работен лист ТЕГЛИЧКИ, како овој понуден долу и може да користи табела 100 за помош.
ИСТОВРМЕНО НА СИТЕ ДЕЦА ИМ Е ДОСТАПНА Power Point или Smart Notebook презентација на интерактивната табла, таблет и копјутер. Во неа децата имаат можност да ги преместуваат топчињата со влечење. Можат да се вклучат во активноста по желба.
ЗАВРШНА АКТИВНОСТ
Размена на впечатоци. ИНТРВЈУ-Што научив а што ми е сеуште тешко
ДОМАШНА ЗАДАЧА
Секој ученик треба со цртање и пишување да направи свој нов работен лист по примерот на листот со тегличките. Овој пат треба да нацртаат теглички но и да ги наполнат со најмалку 6 броеви кои се поблиску до таа десетка.
|