БРОЕВИТЕ ПОМЕЃУ ДВЕ ПОЛНИ ДЕСЕТКИ
Цели и очекувани резултати- 1.Ги знае броевите помеѓу две полни десетки. 2.Го користи знаењето за решавање проблеми и загатки. Самостојно избира начин на кој ќе пресмета и го објаснува тоа.
ЗАБЕЛЕШКА- Првата цел директно е надоврзана на целите и активностите од минатит час, дури и се содржеше во нив -Тоа значи дека при креирање на овие активности очекувам учениците самостојно да применат претходно знаење во однос на таа цел, а повеќе внимание и објаснување ќе вложам за разбирање и постигање на втората цел, како вовед во решавање текстуални задачи со самостојно избирање на начинот на решавање.
ВОВЕДНА МОТИВАЦИЈА
Денес ќе бидеме помошници. Ќе влеземе во еден интересен свет, ќе видиме кој живее таму, што прават, но и ќе им помагаме онаму каде што ќе забележиме дека на жителите им треба помош. Ја истакнувам првата слика на интерактивната табла. Разговараме, опишуваме, претпоставуваме- што би можело да се случува на сликата.
Потоа ја читам задачата и разговараме што треба тука да се направи. Јас не им помагам со сугестии, се правам дека не можам да се сетам што тука се бара и чекам дечињата да ми помогнат и мене, сепак за ова треба само малку да се сетат на претходните активности и да го применат веќе стекнатото знаење. Ги оставам да се обидат на таблата да решат, да се договорат што е исправно а потоа секое дете работи самостојно во својот работен лист (Заедно само за првиот слајд).
За вториот слајд повторно разговараме,секој ја анализира сликата и претпоставуваме што се бара. (Двајца ученици уште веднаш, самите ги забележаа погрешно запишаните броеви на неколку места и така ги повикавме и другите внимателно да побараат, веројатно и тоа е дел од задачата тука ) Потоа самостојно пополнуваат во своите работни листови. Си проверуваат еден на друг со замена на листовите.
РАБОТНИОТ ЛИСТ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ ( за овој дел од активноста)
МАНИПУЛАТИВНИ ИГРИ ВО ДВЕ ГРУПИ со РОТАЦИЈА по ИЗВЕСЕН ПЕРИОД
ПРВА ГРУПА-ИГРА- СОСЕДКИТЕ ДЕСЕТКИ ГИ БАРААТ СВОИТЕ ИЗГУБЕНИ ДЕЧИЊА
-Натпревар во парови- На даден простор поставени се измешани картички со броевите до 100. Може да се игра само со картичките но може и да се вметнат куклички за распоредување заедно со избраните карти. Децата во парови добиват од мене по две соседни десетки. Треба да ги најдат своите изгубени "дечиња", броеви, да ги вратат помеѓу нив по правилен редослед и тоа да го запишат на овој работен лист.
Ако се повеќе деца тогаш најмногу два пара се такмичат истовремено, другите следат во улога на судии а потоа и тие доаѓаат на ред.
Комисијата од други парови која го чека својот ред проверува дали задачата е точно завршена. Она што беше посебно интересно е тоа што после два круга игра учениците од првата група се сетија дека поинтересно би било а исто така и побрзо кога самите би ги пишувале броевите на масата наместо да ги бараат по ред. Го охрабрив нивниот предлог и следев како ми објаснуваат и покажуваат како ова се прaви мошне брзо и успешно :-)
Пред ротацијата на групите игравме интересна игра- Си игравме со прстите и дланките- Пет десетки кои се здружуваа и правеа стотка. Прстите ни беа десетки, две прстиња мои и две прстиња на Лео заедно правеа 40. Потоа ни се придружија уште две прстиња на Кика и сега добивме 60....Децата сами измислуваа вакви интересни задачи а јас бев нивни играч, внимателно слушав и чекав да ме научат. Интересно беше што самите започнаа да собираат 50(една дланка) +2(прсти десетки)= 70 ..и слично. И морам да напоменам дека, без разлика колку работни листови имаме спремни, без разлика колку интересни задачи и активности има, ова, една ваква случајна и спонтана игра со разговор и шегување има и тоа колкава важност и за интересот и вниманието на децата и за успешно постигање на многу повеќе цели од замислените.
РЕКА ОД БРОЕВИ- ИГРА ЗА ВТОРА ГРУПА-
И тука на даден простор стојат измешани картички со броевите до 100. Децата во парови добиваат по две соседни деседки( запишани на поголеми листови и ставени на два краја на реката) треба да ги најдат броевите помеѓу нив, правилно да ги подредат во реката и сето тоа да го запишат на своја хартија. Бидејќи броевите кои ги бараат не можат да ги најдат по правилен редослед пред нив е предизвик да проценат на кое место во низата треба да ги ставаат пронаоѓаните броеви и како тоа правилно да си го запишуваат за да има место за сите броеви до крајот.
ПОТОА ПОВТОРНО ПРОДОЛЖУВАМЕ СО нови 4 СЛАЈДОВИ НА ИНТЕРКАТИВНАТА ТАБЛА
И НОВИ РАБОТНИ ЛИСТОВИ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ СО ЦЕЛ- Го користи знаењето за решавање проблеми и загатки.
Прва задача
Децата сеуште не умеат да читаа, затоа најпрвин јас внимателно го читам текстот а потоа ги повикувам да разговараме што мислат, што се бара тука. Потоа следува индивидуална работа во работните листови (понудени се најдолу)
Втора задача
При решавање на следниве две задачи важно е децата да се остават сами да изберат на кој начин ќе пресметаат, што ќе изберат да запишат или нацртаат или како доказ или за да си помогнат при пресметувањето.
РАБОТЕН ЛИСТ ЗА ПРВИТЕ ДВЕ ЗАДАЧИ
Трета задача
Четврта задача
РАБОТЕН ЛИСТ ЗА ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ЗАДАЧИ
Завршуваме со презентација на индивидуалните идеи за решавање на задачите.
Вториот дел од часот беше во интеграција со часот по Дополнителна настава во кој учествуваа сите ученици а имаше за цел- Учениците да вежбаат решавање текстуални задачи со примена на стекнати знаења и самостоен избор на начин на решавање.