Интерактивна приказна "НАЈЧУДНАТА ПРОШЕТКА"
Интеграција на две наставни содржини во корелација со Македонски јазик
МАТЕМАТИКА- ПАРНИ НЕПАРНИ БРОЕВИ ДО 20 -втор час со овие цели
Цели и очекувани резултати- Ги знае парните и непарните броеви до 20. Разбира кои броеви се парни, а кои броеви се непарни и може да објасни зошто. Се обидува да ги открие парните и непарните броеви до 100. Усно го образложува начинот на размислување. Креира свои слични задачи. Вежба собирање до 20. Претходна активност- Запознавање со ПАРНИТЕ и НЕПАРНИТЕ броеви до 20.
ЛИКОВНО ОБРАЗОВАНИЕ- Насоки на линии: хоризонтална, вертикални и коси
Цели- Да разликува и применува различни видови линии. Да стекнува навики за правилно седење при цртање.
ЗАБЕЛЕШКА- За сите ученици да умеат во целост да разберат и запомнат зошто некои броеви ги нарекуваме парни а други непарни, уште еднаш започнуваме со приказна интересна за дечињата. Иако поимите ПАРНИ и НЕПАРНИ броеви во приказнава што следува не се потенцирани, очекувам, за време на интерпретација, за време на разговорите на местата каде децата ќе треба да размислат, самите да применат знаења од минатиот час и неделивоста да ја објаснат како последица на тоа дека некој број е парен или непарен а потоа на истиот начин да размислуваат и при решавање на загатките на сите слајдови. Воедно, преку оваа приказна учениците ќе се потсетат на собирањето но и ќе воочат дека промената на местото на собироците не го менува збирот. Иако собирањето не е цел на овој час сметав дека ќе биде добра подготовка за целите кои ќе следат уште идната недела а тука нема да смета бидејќи и онака приказната се реализира фронтално па така децата ке се надополнуваат и ќе учат едни од други без да се почувствува дека некој нешто не знаел во врска со собирањето.
ПРВА ИНТЕГРИРАНА АКТИВНОСТ
Математичка интерактивна приказна "НАЈЧУДНАТА ПРОШЕТКА"
Средства- Интерактивна приказна. Интерактивна табла или проектор. Празни куќички од полжави. Боички, Табела 100
Приказната ја водев фронтално, односно заедно со децата околу мене, поради малиот број на ученици кој го овозможи тоа. Освен приказната на слајдови пред нас, на маса имавме куќички од полжави (театар на маса) со кои уште еднаш заедно со децата покажувавме и пресметувавме се по ред, тековно онака како што тече приказната со додавање на наши задачи и наши нови интерпретации. Сите ученици имаа своја, на почетокот- празна "сликовица" во која во договор со мене, за време на одредени паузи го цртаа текот на приказната, страна по страна. За да се запознаете со приказната, задачите и текот на активностите прочитајте ги слајдовите по ред.
ЧЕКОРИ ЗА РАБОТА СО ПРИКАЗНАТА
1. Ги повикав дечињата блиску до мене. Најпрвин им ја покажав почетната страна и ги повикав да се обидат да прочитаат како се вика приказната. Им кажав дека ова е математичка приказна и ги прашав што мислат дека би можело да се зборува во неа. Во склоп на овој чекор им кажав дека јас сум нејзиниот автор но бидејќи приказната на многу места не е завршена и тие ќе можат да ми помогнат во креирање на содржината и така и тие ќе бидат автори заедно со мене.
2. Ја прочитав првата страна, првата слика, додека децата ја гледаа истовремено на интерактивната табла и застанав со очекување да одговориме на прашањата за да можеме потоа да продолжиме и да видиме што се случувало понатаму.
3. Раговаравме, претпоставуваме и објаснувавме а потоа со помош на ТЕАТАРОТ НА МАСА и полжавите ја претставивме ситуацијата и ги докажавме задачите и тука на масата и на таблата.
4. ПОТОА ПОМИНАВМЕ НА ВТОРАТА СТРАНА И ГО ПОВТОРИВМЕ ИСТОТО. ИСТИОТ ТЕК СЕ ПОВТОРУВА ЗА СИТЕ СЛИКИ. ЗАБЕЛЕШКА-После 2 поминати слики децата седнуваа на своите места за да ги нацртаат сцените во своите сликовници со што уште еднаш индивидуално решаваа а потоа повторно продолжувавме со приказната. Токму според очекувањата, скоро сите ученици го применија стекнатото знаење и веднаш проценуваа дека полжавите мора да се парен број за да можат да се подалат на две масички а сето тоа го докажуваа со помош на манипулативни средства, полжави. Уште веднаш реагираа со свои претпоставки и идеи на прашања од типот- Колку се сега на број? Можат ли сега да се поделат на две групи? Зошто мислите дека не можат? А како би можеле???...(Техника -КОГА БИ... "Ако викнат уште еден пријател ке бидат прен број....Ако еден од нив се сети дека мора да си оди дома зошто имал работа.. Ако еден си го земи и детето на прошетка со нив...Ако еден ја викни жена му...")
На крајот на целата активност со приказната добивме производ- наши готови сликовници но и тие завршуваа онаму каде што завршува оваа математичка приказна. Нашиот следен предизвик ќе биде да ја продолжиме приказната за да можеме да раскажуваме што се случувало понатаму а со тоа и да подготвиме нови интересни математички задачи. Тоа ќе го направиме за време на часот за ДОДАТНА НАСТАВА со цел- Креирање наши текстуални задачи.
СЛЕДНА АКТИВНОСТ- ИНДИВИДУАЛНА РАБОТА СО ПЛАСТЕЛИН
и МАНИПУЛАТВНИ РАБОТНИ ЛИСТОВИ
Секој ученик има пред себе два листа за работа. Едниот, врз кој ќе ги става обликуваните јаболка од пластелин (Парните со црвена, непарните со жолта боја) На другиот лист ќе треба да запишува што открива. (Симнете ги листовите за работа)
Бидејќи подготвив работни листови во боја а сакам да можам повторно да ги користам, првиот тип, дрвото врз кое ќе се редат моделираните јаболка, го ставив во налонче за документи, за да биде заштитен а сепак успешно да се работи врз него. Секое дете доби по еден таков работен лист. На ваков начин ги заштитувам сите наши манипулативни работни листови па истите ќе можам да ги искористам повторно без да се изложувам на нов трошок за копирање во боја. По завршување на активноста децата во парови си ги заменуваа местата и си проверуваа меѓусебно.
ЗАВРШНА АКТИВНОСТ- МАТЕМАТИЧКИ ПОЛЖАВ
РАБОТА ВО ДВЕ ГРУПИ ( за поголем број на ученици направете прилагодување)
ПРВА ГРУПА- Игра на хамер со полжави наместо човечиња за движење и една коцка. Првото дете фрла коцка и веднаш застанува на бројот. Сега треба да каже кој е тој број, дали е парен или непарен. За точен одговор добива 1 поен во листа за поени на играчите а потоа продолжува следниот играч. (Според моја тековна проценка на постигањата, проценив дека скоро сите ученци ќе можат да играат со броеви до 100 и навистина немаше никаков проблем. За секој случај имав подготвено и полжав со броевите до 20 за деца со потешкотии, доколку забалежев дека ќе треба да направам и таква група)
СЛИЧНА АКТИВНОСТ ЗА ВТОРА ГРУПА- Заедно со мене нацртавме на подот голем полжав и во него броевите до 100. Потоа слично на она горе играа прошетка низ полињата со бележење поени за точен одговор и без никакви казни за погрешни одговори. Преку оваа активност наставникот може уште еднаш да ги оцени постигањата на учениците на сосема ненаметлив начин и без оптеретување за нив.
ДОМАШНА РАБОТА
Нацртај свое Не лути се човече. Измисли шема со 20 полиња по свој избор. Ако сакаш можеш да направиш шема и со повеќе полиња, која ќе ги содржи и поголемите броеви од 20. Се потсетуваме на претходните шеми кои веќе сме ги правеле. Полињата можеш да ги нацрташ со помош на линијар со форми. Парните броеви обои ги со една боја а непарните со друга боја. Смисли едноставна приказна за твојата игра и обиди се да ја играш со некое твое другарче. Правило во играта ќе биде- Правилно да се именуваат броевите на кои ќе се одмарате со користење на поимите ПАРЕН или НЕПАРЕН број.Ова ќе биде наша активност во почетниот дел на часот следниот ден.
|