"Жива" сликовница за Медо, Маша и пријателите
Наставно средство- едукативен сет, за поттикнување и унапредување на јазични и математички вештини
Ова е за мене најзабавниот и најуспешниот начин за мотивирање и творечко поттикнување на дечињата, со широка примена и за повеќекратна употреба на часовите по македонски јазик и дел содржини по математика. Живата сликовница во случајов е наставно, нагледно средство кое во иднина ќе ни овозможува реализација на низа цели:
Пишување сосема нови, авторски ПРИКАЗНИ со избор на дополнителни ликови и замислени места според индивидуланите фантазии на дечињата, поставување на замислени проблемски ситуации, решенија и слично, илустрирање на новите дела, изработка на кукли на стапчиња-изведување дијалози-театар на маса; пишување ЗБОРОВИ и РЕЧЕНИЦИ со изучените латинични букви; пишување зборови со спротивно значење; зборови за опишување; споредби; римувани зборови во контекст на сцената и ликовите, творење детски СТИХОТВОРБИ, креирање прашални, извични и расказни реченици, именки, глаголи, придавки.. Креирање математички ТЕКСТУАЛНИ ЗАДАЧИ со мотив од сцената- мерки, сантиметри, собирање, пресметување кусур..
Еднаш примената за една цел понатаму може да биде надоградувана во недоглед со додавање на страни, џебови и дополнителни кутивчиња, креативно осмислени да се вклопуваат во визуелната вкупна слика. Така, задната страна содржи проѕирни џебови во кои понатаму ќе се кријат сите наши изработки. Бројот на џебови може да се зголемува по потреба, со секоја нова примена, следен час или дел од час.
Иако изгледа сложено, таа се изработува лесно и повторно ќе напоменам, таа е наставно средство со повеќекратна употреба во кое вреди да се вложи време од неколку час а самата изработка е креативна терапија која секому му е добредојдна. Се прави со комбинирање на хартии и материјали и употреба на картонски и пластични кутивчиња од сируп, лекови и слично. Грешка не е можно да се направи за време на изработката бидејќи и онака целата идеја е да се биде креативен во моментот а крајниот продукт и онака нема потреба да биде во целост осмислен претходно за да биде плод на креативноста и идеите во моментот.
Дури и секое детенце може да си изработи почетна верзија на своја сликовница штом добие почетни идеи и навики за пренамена на ненаставни средства за едукативни потреби. На пример, тоа може да се направи претходно за време на час по ликовно образование- моделирање и градење, внатрешен и надворешен простор или на слободни ученички активности или секција како во нашиот случај, а потоа да се применува на часовите во иднина. Што се однесува до горе наведените предлози за употреба, сепак доволна е и една сликовница на ниво на одделение.
Она што е тука важно е дека изработката беше водена според инструкции и идеи на дечињата кои со радост се обидуваа да придонесат со сечење, лепење, поставеност на елементите, украсите, предлагање идејни решенија за сместување на изработениот материјал.
ВАЖНО: Иако во овој случај нашата 3Д сликовница со сите активности во себе во основа e базирана на ликовите Маша и Медо- куклички кои во моментот ги имавме на располагање, оваа жива сликовница може следно наместо нив, во себе да прима различни ликови за следни сосема нови теми, во зависнот од ликовите кои ќе се стават во неа следниот пат без скоро никаква промена на дизајнот, освен додавање на природни материјали и предмети кои би ни дошле како идеја. На дечињата од самиот почеток треба да им се раскаже кус пример во кој ќе слушнат нови настани за познатите ликови. Така и тие при пишување ќе се насочат кон користење на својата креативност и фантазија со цел- да бидат автори кои воопшто нема да се раководат според настаните од цртаниот филм, сликовници или веќе чуени приказни туку ќе работаат на свои идеи. Само во овој случај навистина работиме на творечко поттикнување.
Истата Жива сликовница може да послужи како наставно средство и за часовите
по МАТЕМАТИКА
Оваа идеја ја добивме во следните денови после првата употреба и навистина ни помогна математиката да ни биде игра. Ја искористивме како насока и мотивација за следните цели: Измислува приказни, текстуални задачи за поставена или замислена задача, вклучувајќи ги во тој контекст и парите. Користи факти од собирање и одземање до 100 за да го пресмета кусурот. Објаснува како пресметал и какви комбинации на монти и банкноти сочинуваат дадена сума.
Така полека добивме ЗБИРКА на задачи во кои на пример, Медо заработил 250 денари а потоа купил ѓубриво за градината со моркови за 70 денари, кофичка за наводнување 100 денари, ореви за тортата на Маша за 80 денари. Колку вкупно пари потрошил од сумата што ја имал и колку пари му останале или му вратиле кусур....
Дечињата задачите ги креираа и решаваа самостојно а потоа со помош на касата и парите во парови ја играа сцената и ја проверуваа задачата на тој начин. Освен тоа имаа за цел да прикажат на колку различни начини може да им се врати пресметаниот кусур или да им се раситне почетната сума-Колку комбинации на монети и банкноти се можни.
Пишување ЗБОРОВИ
Пишување зборови со изучените букви-За оваа намена може и секојдневно да се користи после секоја изучена буква на кирилица или латиница, како забавна вежба-предизвик. Исто така за таа цел дечињата можат и тековно да додаваат тука моделирани предмети, ликови или играчки кои ја содржат потребната буква.
Пишување зборови со спротивно значење; зборови за опишување; споредби; римувани зборови во контекст на сцената и ликовите,
Сите овие зборови можат да се собираат во посебни кутивчиња кои би се додавале на сликовницата на некаков начин.
ВЕЖБАМЕ ЛАТИНИЦА или почетна КИРИЛИЦА
Пример-ПИШУВАЊЕ РЕЧЕНИЦИ СО ИЗУЧЕНИТЕ ЛАТИНИЧНИ БУКВИ
ПИШУВАЊЕ АВТОРСКИ ПРИКАЗНИ
Пишување сосема нови, авторски приказни со избор на дополнителни ликови и замислени места според индивидуланите фантазии на дечињата, поставување на замислени проблемски ситуации, решенија и слично.
Илустрирање на новите приказни, изработка на кукли на стапчиња-
Креирање и изведување дијалози-Театар на маса;
НАШИТЕ ПРВИ СТИХОТВОРБИ
Поттикнати од ова забавна сцена, полна со идеи
Обидете се и Вие. Секоја училница може да има барем една ваква "Жива" сликовница за радост и мотивација на дечињата. Или може да има и неколку направени на креативна работилница со родителите и спремни за понатамошно збогатување со материјали. Еднаш готов производ може да се користи и за следни генерации, токму затоа материјалите се ставаат во џебови а не се лепат во неа.
http://vesevesela.blogspot.mk/
|