МИЛЕНИЧЕ ВО КИБРИТЧЕ-Пишување, творење низ игра
Дел од развојна активност за унапредување на јазични вештини во почетните одделенија
Креативната изработка на милениче од камче е омилена игра на многу дечиња секаде во светот, родена како идеја одамна, од страна на родители. Ние во оваа прилика и за едукативни цели продолжуваме да ја креираме зададената основа, ја збогатуваме во форма на една комлексна содржина која може да овозможи унапредување на вештините за писмено изразување и литературно творење. Корисна и како идеја за родители, забавна и едукативна активност за време на летниот одмор. Во оваа прилика ќе ви ја опишам активноста во целост, но во зависност од тоа во кој период на описменување се реализира и дали се работи за време на часови или во домот со своите дечиња, секој може да ја прилагоди, да ја поедностави со избирање и прилагодување на помалку или повеќе задачи. Нашата цел е да се стави акцент на пишувањето а креативниот дел да биде забава и поттик за креирање приказни.
Најпрвин потребно е на детето да му биде покажана една од фотографиите(горе) или готов производ кој ние сме го направиле како пример и од детето да се побара да даде свое мислење како е направен украсот и какви материјали би ни биле нам потребни за да го направиме а сето тоа да го запише на лист како упатство.
На децата нема да им биде проблем да проценат кои се материјали и постапки се потребни а ќе им биде предизвик да покажат и напишат колку им е тука се јасно и што се треба.
Следната цел и задача на децата ќе биде :
2-Најпрвин секој да направи по три свои миленичиња, секое во посебно украсено кибритче-дом
3-За секое милениче сега треба да напише по едно писмо. Пликот може да се направи од хартија. На секое писмо да го напише името и презимето на тоа милениче а внатре во писмото да го претстави детално од прво лице како фантастична приказна- Пример-Јас сум Руменка Шаренковска. Имам 13 години. Мојот дом е убаво розево кибритче украсено со срценца...Спијам на меко перниче во сина боја а се покривам со прекривка со цветови...(се опишува внатрешноста) Најомилено јадење ми е пица. Многу сакам сладолед и чоколади . Мојата омилена игра е криенка со другарчињата. Ние сите живеееме во голема шума со најубави дрвја. Во близина тече убава река и секогаш си играме во неа.....
4-Штом вака ги изработи и опиша своите миленичиња следна задача е да напише заедничка приказна за нив. Едно нивно заедничко доживување, еден ден или настан, замислено патување на некое необично место. Проблем на кој наишле или што интересно откриле по патот....
5-Сите изработки, писмата со опис и крајната приказна треба да се складираат во посебна кутија за чевли која ќе биде интересно украсена и во која со помош на природни материјали и цртани апликации детето ќе изработи заеднички дом на трите миленичиња.
Штом еднаш се изработи солидна збирка на миленичиња, понатаму на одделенско ниво истите може да се комбинираат, здружуваат во нови домови, со цел да творат нови и нови приказни со нови доживувања на нашите миленичиња. Активноста ќе трае подолг период а како завршен продукт ќе имаме богата збирка со нови авторски приказни на различни теми.
ПРИМЕНА НА АКТИВНОСТА ЗА РАЗЛИЧНА ВОЗРАСТ
Може да се реализира и со ученици од прво одделение кои би имале задача усно да го опишуваат процесот и ликовите и усно да интерпретираат дијалози помеѓу ликовите.
Погодна е и за ученици од трето одделение во период на изучување на латиницата како и за часовите по англиски јазик во повеќе одделенија.
Автор Весела Б
Сите права се задржани. Може да се применува со наведување на извор и автор
|