Вовед во разбирање на множењето со 1, 2, 3, 4, 5 и 10
Цели и очекувани резултати: Го разбира множењето како опишување на низа од броеви, како собирање на исти собироци и го користи знакот за множење. Го објаснува и докажува начинот на своето размислување.
Пред почетокот на часот подготвените цветови ги поставив на зидното пано како изненадување за дечињата. Така на самиот почеток им ја претставив ШЕМАТА ЦВЕТ со готови пополнети примери за множење и ги замолив да се обидат да откријат што сум сакала да покажам тука.
Овие дечиња лесно открија што всушност покажуваат броевите во цветовите затоа што претходно имавме работено слични вежби. Затоа веднаш заедно го разгледавме детално цветот за множење со 2 а потоа и со 5 и 10 и вака убаво забележавме на кој начин се случува зголемувањето, различно за множење со различен број . За да ги охрабрам дека множењето може да биде забавно изигравме едноставна игра:
-Јас прашував колку е на пример 5 по 6 а децата имаа задача што поскоро да го најдат и покажат одговорот во соодветниот цвет. Им поставував и задачи со множење со броеви со кои претходно не сме вежбале групирање во текот на годината а тие со особена радост го наоѓаа одговорот и го објаснуваа своето тврдење со опис на зголемувањето како низа која расте за ист број.
Понатаму во текот на часот скоро сите активности во посебните дидактички центри за работа, во основа ја имаа оваа цветна шема но со различни начини во поглед на користените средства за нејзино решавање, за да биде поинтересно. Се договоривме да ја заборавиме шемата на зидот и при решавањата да се обидуваат да пресметуваат по ред, со соодвено зголемување за 2 или 5 или 3...А потоа со поглед во шемата да прават проверка.
Активностите се реализираа преку работа во парови и групи за да се овозможи дечињата да учат заедно, едни од други, по пат на обиди и грешки. Учениците ротираа низ понудените центри на мој знак, според моја моментална проценка. Ова што го гледаме на фотографиите е ЦЕНТАРОТ 1. За почетното цртање на шемите се погрижив јас а дечињата понатаму пишуваа и бришеа низ нив за да покажат множења со различни броеви. Освен што пресметуваа со додавање на вредноста на бројот со кој множат во круг, решаваа и со добивање на производот со собирање на исти собироци. Наместо на табла оваа вежба може да работи врз црни хамери со пишување со креда а бришење со суво марамче.
ЦЕНТАР 2- ИГРА: ШАРЕНА КОЦКА
Потребни средства за игра: Коцка на чии страни се впишани по еден од броевите 1, 2, 3, 4, 5 и 10. Цветови во кои се впишани броеви од 1 до 10. Цветовите користени во оваа игра се стар дидактички материјал кој го користевме во прво одделение за препознавање на броевите до 10 и нивната вредност. Коцката си ја пренаменавме од јазична во математичка коцка за оваа игра.
ПРАВИЛА И ТЕК НА ИГРАТА- Детето со замижани очи извлекува цвет со број а потоа ја завртува коцката за да добие број со кој ќе множи. Доколку знае одговор може веднаш да го каже а потоа да го докаже своето тврдење, во спротивно може да даде претпоставка или дури и без неа да пристапи кон решавање за добивање на производот со собирање на исти собироци.
Она што е тука особено важно и на што посебно треба да се внимава е ниту едно од дечињата со различни нивоа на сфаќање на множењето и постапката за собирање на исти собироци, да не почувстува дека мора да знае или дека не смее да згреши. Затоа оваа игра нема натпреварувачки карактер. Наставникот треба да обезбеди клима во која секој ќе чувстува потреба, желба и радост да помага со објаснувања на другите а оној кој не знае ќе чувствува слобода да прашува и бара помош.
ЦЕНТАР 3- РАБОТА ВО РАБОТНИ ЛИСТОВИ
Иако децата решаваат индивидулано, препорачана им е соработка и проверка со другарче. Оваа шема е лесна за индивидуална работа затоа што најчесто при решавање кога не се бара доказ од нив како во случајов, решаваат во круг, почнувајки од 1 кон 10 со додавање на бројот со кој множат на крајот за секој нов производ во кругот( зголемување во низа) Сепак вежбата е од особена важност за вежбање на зголемувањето и стекнување самодоверба дека множењето не е тешко.
ОВОЈ ДЕН ИМАВМЕ НАЈШАРЕНА ДОМАШНА ЗАДАЧА :-)
|