Пишување, подготовка, изведување и снимање на авторски радио драми
Интеграција на цели за стекнување компјутерски вештини за работа со текст, градење самодоверба и
вештини за творечко изразување, унапредување на вештини за течно и изразно читање- Трето одделение
Обидете се и вие. Снимањето на радио драми може да се применува на секој час за вежби за читање. Скоро секој текст понуден во самиот учебник по македонски јазик може да биде читан по улоги без претходна подготовка, само со едноставна поделба на улогите на ликовите и едно дете во улога на наратор. Читањето можете да го снимате со мобилен телефон, алатка за снимање глас. Додека една група на дечиња чита по улоги, останатите би можеле да имитираат позадински звуци со тропкање, шушкање, чекорење, соодветно на ситуациите опишани во текстот. На овој начин сите дечиња ќе бидат максимално ангажирани, чекајки го активно редот на својата група. Дечињата преку снимениот материјал веднаш ќе имаат прилика да слушнат како ја прочитале својата улога и колку успеале да придонесат за успешност на радио драмата. На овој начин присутно е самооценувањето на течното и изразното читање. Во следниот обид, за следното снимање, секое детенце се обидува да ги поправи своите недостатоци кои сам ги забележал додека се слушал дури и кога никој не би го упатил кон тоа. Ова лесно се претвара во вежба за течно и израсно читање, омилена на секое детенце. Направете збирка на текстови од Другарче или други детски списанија. Збирката може да биде креативна куќичка за текстови или декорирана папка достапна во секој миг во училиницата. Доколку активно сте работеле на градење творечки вештини уште од првото одделение, во следниов прилог достапна е активност за пишување и снимање на авторски радио драми со дечиња од трето одделение:
Претходна подготовка, стекнати вештини, научени поими и претстави: Поим и претстава за драмски текст, прилагодување на прозен во драмски текст. Поим за радио, видови радио емисии, радио драма, усно и писмено творење на авторски приказни.
За успешно изведување на вакви активности неопходно е дечињата за цело време да имаат пред себе пример на едукатор кој посебно внимание посветува на изразно читање на текстовите и песните во текот на годината, почнувајќи од првото читање пред дечињата, уште од првото одделение. Со таков пример дечињата лесно прифаќаат модел кој во иднина го имитираат градејќи навики и стремеж за изразно читање со почитување на интерпункциските знаци и менување на гласот согласно менувањето на улогите во текстот, независно за каков текст се работи.
Од друга страна од посебна важност е на учениците, уште од најмала возраст, да им се овозможи да почувствуваат сигурност, творечка моќ, најпрвин преку усно творење на дијалози за нови замислени случки на познати и омилени ликови а потоа и моќ, способност за пишување на авторски приказни на интересни теми кои максимално ја отвараат детската фантазија која понатаму сама станува автор на многу нови детски дела.
“Секој кој умее да фантазира, може да стане познат автор на некоја нова Црвенкапа..”В.Б- Oва се зборови кои секое детенце лесно ги разбира и ги применувам често, за да им покажам која е основата која е неопходна за творење. На овој начин дечињата лесно стекнуваат храброст и развиваат вештини за творечко изразување. Во нашата училница пишувањето авторски текстови е забавна, омилена активност уште пред периодот на описменување.
Како да го напишеме првиот драмски текст?
Додека пишувањето на авторски приказни, текстови, состави, од децата бара прецизен ангажман во поглед на запазување на начин, уедначен стил на пишување, пренесување на замислените слики и настани, правилно пренесување на замислените дијалози во комплетни изразни реченици, правилна употреба на ракажувачки или пак на прераскажувачки стил со нивните карактеристики и слично- дечињата лесно, со малку упатства, неколку примери и основни знаења можат да бидат автори на драмски текстови. Преку разгледување на неколку готови драмски текстови со воочување на начинот на кој се напишани и елементите кои ги содржат, а потоа и преку вежба за прилагодување на прозен текст во облик на драмски, дечињата лесно стекнуваат вештини за самостојно изведување на вакви творечка активност кои понатаму помагаат за унапредување на читачки вештини затоа што бараат вежби кои дечињата ги прифаќаат како забавна игра.
Чекори за претходна подготовка на основа за пишување и изведба на радио драми :
- Повторување на поим и претстава за драмски текст
- Гледање на театарска и куклена претства, преку интернет или посета на театар
- Слушање на радио драма со воочување на нејзините карактеристики (гласови, придружни звуци и музика по потреба во позадина)
Но, што повторно би недостасувало тука?
Преку гледање на театарски или куклени претстави, слушање радио драми, децата можат да стекнат претстава за драмската уметност , сцената, актерите, костимите, но тешко можат да го воочат постоењето на драмското дело и неговите карактеристики- делото врз чија основа се изведува драмата која ја следиме или слушаме. Токму тоа е нашиот главен предизвик, да откриеме како се пишува и применува драмско дело за да се изведе во форма на радио драма. За таа цел неопходно е најпрвин на дечињата да им понудиме основа преку следниве одделени активности:
-Да разгледаат неколку драмски текстови со цел воочување вовед, важни елементи како : место на случување, ликови, сцени, опис на сцените..
-Да овозможиме активност со работа на готови драмски текстови за кои учениците во групи треба да подготват сцена и костими и да ја увежбаат својата изведба по улоги. Тука интересно би било кога на групите би им дале различни задолженија за претставување на ист драмски текст- Едната група со задача да изведе театарска претства со кукли, другата група театар на сенки и трета група, театар со дечињата во улога на глумци. Ова може лесно да се постигне преку подготовка на драмски игри за училишни пригоди и свечености, нешто што е честа пракса со децата од најмала возраст. Единствено треба на дечињата да им се даде водечка улога при подготовка на улогите, костимите и избор на материјали за автентичност на сцената со што ќе стекнат комплетни претстави за сите елементи и чекори потребни за изведба на драмско дело на сцена.
-Прилагодување на прозен текст, приказна или басна а потоа нејзино изведување по улоги. Овој тип на активност е од особена важност. Така дечињата ќе стекнат претстава како приказната за Пинокио или Снежана била изведена на тетатарска сцена, што се било направено за да се овозможи нејзино изведување. Преку вакво прилагодување на прозен текст дечињата конкретно би ги воочиле чекорите и елементите кои се потребни за подготовка на драмски текст, содржина, форма..
Тука потоа, со цел да се воведеме во прилагдување на текстот за конкретна цел-изведба на радио драма, следува преслушување на кратка радио драма или дел од радио драма со посветување внимание на она што може да се слушне и како основа и во самата позадина на снимката.
Понатаму едукаторот заедно со сите дечињата заедничка организира изведба на прилагодениот текст:
-Прво- следува поделба на улоги- кое дете која улога треба да ја чита како и вежби за читање во себе. Во зависнот од бројот на децата во одделенето може да се фаормираат неколку групуи за вежби на истиот текст.
-Второ- организирање на позадински звуци кои би одговарале за поддршка на случките за кои зборуваат ликовите, амбиентот во кој се случува настанот( за оваа цел едукаторот ангажира посебна група деца во рамки на секоја одделна група, со свои посебни задолженија- да реагираат во соодветни мигови со тропкање, свиркање, чукање, чекорење...)
-Трето- Вежби за изведба на драмскиот текст со снимање со телефон или друг соодветен уред за снимање глас.
Сега, кога дечињата се веќе запознаени со целиот процес можеме да бидеме сигурни дека тие се спремни за нова задача- пишување свои нови, авторски радио драми со ликови, места и случувања по сопствен избор, водени од својата фантазија и со примена на претходни, потребни знаења и вештини.
Пример активност- Пишување и изведба на авторски радио драми,
Работа со компјутери и програмирање во инетеграција со активности за унапредување на вештини за творечко изразување
Операции со текст (големина, стил, боја, порамнување) 2 часа. Конкретни цели: Ученикот / ученичката: да стекне основни сознанија за програмите за обработка на текст; да се запознае со основните карактеристики на тастатурата и да може да ја користи при создавање на одделни букви и цели зборови; да знае да вклучува подршка за работа на латиница и кирилица; да го знае значењето на курсерот и да го управува со навигацискиот регион на тастатурата и глувчето; да знае да ја користи типката Shift за добивање голема буква; да се оспособи за да одреди боја, големина, стил на буквите од текстот (масно,закосено,подвлечено);
Слободни активности- Творење 2 часа- Пишување, подготовка, изведување и снимање на авторски радио драми-Прилика плус за градење самодоверба за твречко изразување, унапредување на вештини за течно и изразно читање.
Чекори на кои треба да внимаваат дечињата за време на пишување на текстовите за радио драма и кои можат да му помогнат за концентрација на важните елементи за развој на дејствијата:
1-Избор на ликови. На почетокот на пишувањето детето може да си избере и запише неколку ликови ориентационо, водено од почетната идеја, а потоа има право да додава ликови според текот на мислата и новите идеи до завршување на текстот. Првата верзија на текстот се пишува во ракопис. За да ни биде интересно тука веднаш направивме спој на литературно и ликовно творештво. Имено, секој лик освен што ќе постои во пишувана форма треба да биде изработен од пластелин, хартија или позајмен од кутијата со збирка играчки од Киндер јајца а потоа поставен на лист- празна подлога за градење сцена. Детето знае дека тие “Живи” ликови се исто така очекуван краен продукт и може да ги прави со прекин на пишувањето како креативна пауза или по завршување на вкупниот текст. Иако текстот ќе биде наменет за изведба на радио драма , тоа театарче на маса ќе ни овомзожи првична забавна презентација на новото дело.
2-Осмислување и поделба на сцени- преместување на дејството од едно на друго место. За ова цел ние се договоривме секој автор да земе по еден празен лист како подлога а потоа соодветно на потребните места за случување на дејствијата, детето има задача да си изработува елементи за сцените( пример-куќички, сонце, облаци, трева, река...Втора сцена-Парк со дрвја, клупа...итн) Тие елементи за сцените на кои се случува дејството може да ги работи како креативна пауза по завршување на делот или по завршување на целото драмско дело, посебно за секоја сцена која ја потставил. Овие елементи се изработуваат од хартија во боја а детето ги чува во прозирна кесичка од која на крајот ќе ги зема и сместува соодветно на текот на дејството, при првичното презентирање.
3-Презентација на идејата, подготвените сцени и ликови, заедно со читање на текстот од страна на авторот, корекција на реченици во насока на формирање квалитетни дијалози, исправка на правописни грешки.
Оваа активност продолжува со препишување на корегираниот текст на компјутер при што дечињата се охрабрени да си пружаат взаемна помош и соработка за подобрување на квалитетот, евентуално додавање на нови мигови , заплети, решенија, секако правописни грешки и поправка на конструкцијата на речениците. Тука индивидуалната работа започнува да се претвара во партнерска работа со заедничка цел- Подготовка на читлив текст, погоден за изведба во форма на радио драма.
4-Избор на партнери за изведба, читање на текстовите за ликовите во драмата. Секое детенце соодветно за потребите на својот текст покнува другарчиња за соработници и ги запознава со нивните задолженија.
5-Избор на позадински звуци кои треба да течат повремено во конкретни делови. Тука нови другарчиња добиваат прилика да помогнат со имитирање тропкања на чевли, дување ветер и слично..
6-Читање, снимање на комплетната драма со истовремено снимање на позадинските гласови како една целина. Оваа активност може да се повтори неколку пати додека не се добие продукт од кој авторот ќе биде задоволен.
Автор Весела Богдановиќ
|