Прецизни мерења и споредувања. Математички истражувачки активности за II одделение
Единица 2Б-Мерење и решавање проблеми. Мерење и споредување должина, висина, ширина, длабочина
Цели: Проценува, мери и споредува зададени должини, висини, ширини, длабочини. Прави разумна проценка за одговор на една задача. Дава свое мислење дали некој одговор е разумен. Усно го објаснува начинот на решавање и размислување. Го користи знаењето за решавање проблеми и загатки. Придобивка плус-Вежби за собирање повеќе собироци и пресметување разлика.
Во прилог се пример активности кои можат да се применат за време на часот со нивна организација во три центри низ кои дечињата би ротирале поделени во 3 групи. За изведување на активности со истражувачки елементи неопходно е ваше активно присуство за насочување, поттикнување идеи и потсетување на целите, со оглед на тоа дека се работи за дечиња кои штотуку научиле да читаат и со тоа не можеме да им зададеме работа со пишувани налози со очекување дека сите со разбирање би го читале текот на активности кој треба да го следат. Затоа, доколку бројот на ученици е повеќе од 18 и немате можност да вклучите ученици ментори од вишите одделенија, сепак одберете една активност која ви се допаѓаа или трите заедно но за фронтално водење со целото одделение, бидејки вашите почетни инструкции за разбирање на задачите во центрите нема да бидат доволни за понатамошна самостојна работа.
Од друга страна, она што е посебно интересно да се погледене тука е делот --ПОДЛАБОКО за...__см, ПОПЛИТКО за__ см. во кој можеме да видиме како дечињата, претходно навикнати на учење преку истражување, самостојно превземаат нови иницијативи за унапредување на истражувањето и така доаѓаат до нови откритија. Ова уште еднаш го потврдува фактот дека учењето е креативен процес во кој учениците се наши партнери во учењето и креирањето на активностите и затоа тој процес не смее да се гуши во фиксирани рамки, без да се следат тековните потреби и интереси кои се развиваат на самото место. Дневната подготовка со уврден план според претходна замисла на едукаторот, мора и треба да биде прилагодувана тековно а не смее да се користи како апсолутна агенда од која не се прават отстапки во интерес на реализација на квалитетна настава. Кога ова би се почитувало и од страна на оние кои го следат и оценуваат работењето на едукаторите, вкупниот квалитет на наставата автоматски би се подобрил за сметка на слободата за креирање на процесот.
-ШЕГОВИТА ИГРА за воведе- "Што со што се мери"
Играта ја води едукаторот преку усно презентирање на веќе осмислени и запишани ставови кои дечињата имаат задача да ги потврдат или негираат со давање на точен одговор. Пример: Вчера купив 2 литри портокали. Кога бев мала бев 1 килограм висока. Денес не ми се одеше пешки до автобуската станица. Замислете, секој ден да треба да пешачиш по 200 милилитри. ... На овој начин едукаторот ќе изведе брзо и забавно дијагностицирање на претставите на учениците поединечно и групно, соодветно нивната активна вклученост.
--ПОДЛАБОКО за...__см, ПОПЛИТКО за__ см.
Ресурсите за изведување на оваа вежба низ која децата сами поставуваат ситуации за мерења и ги споредуваат разликите, се лесно достапни: Теглички, пресечени пластични шишиња, камчиња и песок за пополнување на дното со што добиваме промена во длабочината, линијари со различна должина, лупи.
ВОВЕДНА ЗАДАЧА- Потребен е еден сад, пресечено пластично шише од 5 литри, наполнето со вода. Преку еднставна усна инструкција им објаснив дека нивната задача е да ја измерат длабочината на водата во садот, секој за себе. Не ги ограничив дали мерењата мора да ги вршат од надворешнoста на шишето или со ставање на линијарот во водатата. Искрено, за среќа, ниту помислив на таков вид на инструкција со што непланирано обезбедив совршена основа за развој на ново истражување: Сите дечиња, со линијари во раце се обидуваа да измерат при што разговараа меѓусебно но тоа го правеа со мереа од надвор но и со ставање на линијарот во водата. Си разменуваа откритија до кои дошле. Tокму тука се случи нешто мошне интересно што посебно ме израдува и уште еднаш ми потврди колку моите дечиња имаат развиени вештини за истражување во насока на реализација на целите но и за многу повеќе од поставените цели- Тие заедно забележаа нешто на што јас претходно ниту помислив ниту го насочив како цел за истражување, концентрирана на обезбедување на повеќе различни примери за работа со цел мерење и споредување. Еве што открија самите:
"Учителке, погледнете ги мерењата, длабочината е малку различна ако ја мериме со линијар од надвор на шишето и со линијар ставен во водата внатре."
На моето прашање зошто е тоа така, дечињата возбудени ми објаснуваа:
"Бидејќи линијарот штом се стави во водата тој како да си зема од местото на водата и водата се крева погоре како да бега од него да си најде место. Ако шишето беше полно тогаш водата ќе ни истечеше надвор надвор бидејќи немаше каде да оди"
Тука се роди цела дебата со примери кои си ги кажуваа меѓу себе:
" Се сеќавате во лето, ако во базенот влезат многу луѓе водата од него претекува од страните а кога нема никој внатре за водата си има место и ништо не претекува надвор."
„ Замислете од езерото да ги извадат некако сите камења и сите риби значи ќе се испразни многу..."
Го поддржав овој разговор, ги охрабрив да разговараат на овие теми се додека имаше интерес, не водејќи сметка за предвиденото време за работа. Зошто? Затоа што ваквите размилсувања и дискусии се поважни и од самите денешни цели.
Така откривме дека камчињата и предметите во водата го поместуваат нивото за мерење со што следно имавме задача да пресметаме за колку см се зголемила или намали длабочината во секој следен обид, со ставање повеќе/помалку песок и камчиња во садовите. Oваа прва активност ја изведуваше целата група како заедничка активност за воведување во следните активности:
ВТОРО- Една иста количина вода од иста полна часа, дава различна длабочина изразена во см во зависност од ширината и висината на садот во кој е ставена-Ова е заклучокот кој го донесовме следејки ги следните чекор за истражување :
1- Најпрвин наполнивме неколку исти шишенца со иста количина вода, за секое дете од групата по едно или за секој пар по едно (ако се работи во парови)
2- Децата имаа задача да изберат по еден празен сад (некој потесен, некој поширок , повисок или понизок).
3- Да го наполнат со количина на едно од шишенцата кои чекаат полни со вода
3- Да ја проценат длабочината на водата во садот во кој ја ставиле водата и да ја запишат својата проценка
4- Да измерат со линијар колку изнесува вистинската длабочина и тоа да го запишат
5- Да пресметаат разлика од својата проценка до измерената длабочина
6-Да пресметуваат разлики во споредба со длабочината на водата во садовите кои ги избрале другите другарчиња или парови- длабочина на истата количина вода во друг потесен, друг поширок сад, повисок и понизок сад.
-НАЈКРАТКОТО ПАТУВАЊЕ-
За оваа игра направив две патеки на поголем простор со користење на моливи и цефки ... За да биде поинтересно поставив ликови, гумени играчки на почеток и крај на патеките со што математичката игра доби елементи за развој на приказна со што целата активност стана уште попривлечна за дечињата. Заедно изведовме мерење на секој дел, отсечка од патеките и ги обележавме со см. На овој начин играта може да се реализира и со поголем број на ученици бидејки сцената може да биде поставена на простор на кој ќе биде достапна за гледање(под, работна маса на наставникот) а учениците ќе работаат индивидулано со проценки и пресметки во своите тетратки. Проверката и заклучоците се прават со взаемна соработка. Задачите по ред ги задава едукаторот кој има задача да следи и насочува:
1- Процени ја од око вкупната должина на секоја од патеките и запиши ги своите претпоставки. Процени која патека е пократка и запиши ја својата проценка.
2- Потоа пресметај ја должина на секоја патеки посебно, со собирање на запишаните должини. Сега спореди ги запишаните претпоставки за да видиш дали добро си претпоставил- (После оваа задача следува поединечно презентирање на резултати за да видиме кој бил најблиску со проценките но и да ја провериме точноста на пресметката на реалната должина запишана претходно во см)
3-Децата сега имаат задача да креираат свои патеки од моливчињата и боичките од својот прибор и да ги повторат претходните чекори.
4- Можеме да продолжиме и со нова задача на повисоко ниво: Процени а потоа пресметај ја разликата во должината помеѓу двете патеки. За колку см е подолга..
5- Сега процени а потоа пресметај: Ако втората патека е подолга за__см тогаш до каде стигнал Шрек во исто време кога мачорот веќе стигнал до селото....и слични задачи...
Уште една слична, интересна задача која може да биде зададена за домашна работа или за работа на час е прикажана на фотографиите во прилог:
1-Секое дете треба да замисли, избере свои ликови и да замисли нивно патување- Каде би патувале тие ликови, од каде до каде.
2-За таа цел со линијар треба да нацрта искршена патека по која би се движеле ликовите од едниот до другиот крај на листот и секое делче да обележи колку сантиметри е долго.
3-Потоа треба патеката и целата слика добро да ја украси, да личи на мала сцена. Таа може околу да содржи нацртани места, предели, куќи, шуми, езера, реки и слично.
4-Сега треба внимателно да процени од око и да си запише препоставка а потоа да пресмета колку е вкупно долга таа патека.. Да провери два пати дали добро пресметал и на крајот да провери со употреба на дигитрон или на компјутер. Листот со пресметака се прицврстува или лепи на задната или предната страна на листот , во празно место.
5-Штом заврши со пресметката има задача да напише интересна приказна за ова замислено, интересно патување. Да раскаже кој патувал, како излегдаат тие ликови, како изгледал нивниот дом или место од каде тргнале, кога тргнале, што размислувал главниот лик, што видел на ова патување, кого го сретнал по патот, што зборувале.....Пример- Патување низ шума, патување низ подводен свет..
6-Сега кога е се готово треба цртежот заедно со пресметката на должината и текстот на приказната да ги стави во посебно големо писмо направено од хартија. На ваков начин детето во посебна папка во текот на летото може да собере цела збирка на илустрирани приказни од кои подоцна може да се направи џиновска сликовница на авторот.
-ПОВИСОКО ЗА...ПОНИСКО ЗА...
За оваа активност потребно е катче во кое ќе бидат сместени предмети погодни за мерење на нивната висина (Кукли, хартиени макети згради, куќи, коцки, шишиња..), краток и долг линијар или метро.
Најпрвин избираме еден предмет и правевме проценка на неговата височина. Потоа следуваше мерење со линијар и пресметка на разликата на см од проценката и мерењето, за колку см не сме биле во право.
Потоа избираме два предмети за споредување, правевме проценка на височината на секој од нив и потоа со мерење утврдувавме за колку см сме направиле погрешна проценка. Тука следуваше слободна проценка на разликата помеѓу восичината на тие два, сега веќе прецизно измерени предмети (пример две кукли, две згради) па пресметување на вистинксата разликата со одземнање на сантиметрите на пониската од повисоката ..
Mерењата понатаму ги изведувавме со употреба на краток линијар со цел- Пресметување височина со надоврзување, собирање см, бидејки кусиот линијар не може да овозможи читање на целата дожина. Проверка правевме преку мерење со долг линијар или метро.
Детска песничка интересна за оваа тема:
Мили мили милиметар,
10 прават сантимер,
растам јас, растеш ти
повели па измери...
Слични активности за трето одделение
http://ucimenizigra.ucoz.com/index/santimetri_pretpostavki_mere_a_sporeduva_a_presmetki_treto_odd/0-376
http://ucimenizigra.ucoz.com/index/santimetri_metri_da_napravme_ograda_za_gradinata_na_masha_i_medo/0-378
|