Вежби за пишување низ игра -Корисни и за време на летниот одмор
Ова е уште еден дел од нашата развојна активност за унапредување на јазични вештини во почетните одделенија. Вежбите се особено корисни за дечиња кои завршуваат второ одделение бидејќи им е потребен континуитет во вежбање на штотуку стекнати навики и искуства за писмено изразување. И во оваа прилика пишувањето треба да биде ненаметнато, дел од истражувачка и креативна активност која децата со задоволство ја прифаќаат. Активностите се интересни и за изведување со помалечки, предучилишни дечиња. Иако не умеат да читаат и пишуваат вербалната комуникација која би се развивала помеѓи нив и возрасните кои им помагаат на овие теми за време на истражувачкиот и креативниот дел, носи големи придобивки за сестран детски развој.
Истражувачка активност-ЦВЕТНА АВАНТУРА
ЧЕКОРИ ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ НА АКТИВНОСТА:
1-Истражување и собирање видови цветови и растенија во различни природни околини-ливада, планина, поле..
2-Нивно сушење, пресување во книга.
3-Изработка на- уметнички слики со лепење и комбинирање на растенијата на подебели парчиња хартија во боја, изработка на кутии за накит или кутии како сувенири по иста постапка со лепење и комбинирање а со пренамена на кутивчиња од лекови.
4-Со секоја слика или друг производ кој го изработило детето мора да стои пишувано упатство- опис како се изработува тој украс:
4.1-кои се потребни материјали
4.2-место на кое се пронајдени растенијата кои се користат
4.3-колку време е потребно за изработка
4.4-Опис на самата постапка по ред до финален производ
Детето треба да знае дека целта на пишувањето на описот е во иднина да се помогне на некој друг да научи која е постапката да се добие тој производ, секој посебно и затоа е потребно секој опис да биде детален и да го опишува процесот од првиот до последниот чекор. Сите изработки заедно со описот ги чуваме во посебна кутија - наше креативно катче. Доколку сте во можност, фотографирајте го детето низ сите чекори а потоа на крајот заедно составете филм или зидно пано како спомен од оваа активност. Со тоа на детенцето ќе му дадетете дополнителна мотивација за работа и уважување на неговиот труд.
ДА НАПРАВИМЕ ЗБИРКА СО ЧАЕВИ:
Самото собирање на чаевите трае подолг период. Активноста треба да започне со
-Читање информации преку користење на различни извори за почетно информирање: истражување на интернет и енциклопедии но и преку разговор со стари лица за да бидат децата запознаени какви видови чаеви има во околината и во тој период. (Родителите, бабите и дедовците верувам дека ќе уживаат да помогнат во една ваква истражувачка и творечка активност но да не заборавиме да ги упатиме децата да истражуваат и преку интернет, со што ќе имаат прилика да вежбаат читање и споредување на информации, одделување на важни информации од добри извори.) Ова е прекрасна прилика детето да се навикнува интернетот и компјутерот да ги користи за научни истражувања и да ги согледува придобивките од пребарување по клучни зборови.
Воопшто не е грешка ако детето собере и растенија од кои не се прави чај. Истите можат да бидат дел од оваа збирка со посeбена назнака а детето понатаму треба да се обиде да дознае кои се тие, имаат ли име, каква корист има човекот од нив или животните можеби и сето тоа да го запише како објаснување. Дури и ако не наиде на информација за тоа растение сосема правилно ќе биде да напише дека се обидело но не успеало да открие ништо а она што може да го каже за него е детален опис, место на наоѓање, на колку други места во околината го приметил и слично.
Собраните примероци чаеви треба малку да се исушат
а потоа да се распоредат по мал примерок од секој:
-во посебно мало најлонче залепено во голема тетратка за чаевите или
-во посебни најлончиња малку декорирани со украсни врвки и лепенки од самолеплива хартија а сите собирани во наша посебна кутија за чаеви.
И за двата начини за складирање на видовите важно е за секој чај да напишат се за него, име, датум кога е собран, каде, за што е добар, како се подготвува.
-Исто така за секој чај треба детето да изработи рекламен материјал, во вид на мини постер со податоци и информации.
|