"Замрзнати и живи"слики- Именки, придавки, глаголи, видови реченици-Вежби
Средства: 5 хамери во боја или бели. Ученици- ликови, играчки и предмети, фломастери.
Шемата може да се нацрта и надвор, на училишното игралиште, едноставно, со креди, за 1-2 минути, а тоа исто така би било мошне интересно за дечињата. Истата може да биде направена и во помал формат(хамер или составена од А4 листови) за групна работа на маса.
Содржината на задачите во шемата може да се менува согласно потребите на часот. Иако шемата може да се примени и печатена, работен лист за индивидуална работа на дечињата, ние сепак денес се одлучивме за работа на под, бидејќи работата на под посебно не радува.
Од работните листови во прилогот може да се забалежи дека во едниот случај се работи со текст ставен во средината на листот, додека во другиот случај зборуваме за сцена..Сцената може да се креира со:Поставување на ликови-гумени играчки од приказните, играчки, предмети и слично. Ние денес се одлучивме да си играме со живи ликови, живи и забавни сцени.
Чекори за изведување на активноста
1. Шемата е поставена на подот. Едукаторот може да ја постави за време на одморот или заедно со дечињата, со нивна помош но без да им ја објаснува намената на шемата, за да биде како изненадување( доколку се игра за прв пат)
1.2. Дечињата извлекуваат по едно ливче а потоа се распоредуваат околу шемата согласно тоа што е напишано на нивното ливче. Така се формират групите за работа.
2. Едукаторот на самиот почеток води разговор со кој овозможува повторување на поимите и претставите за именки, глаголи, придавки и видови зборови.
3. На средината на шемата поставува „жива„ сцена. За таа цел ангажира две до три дечиња. Секое детенце добива своја улога. Така еден треба да чита, друг да си игра, трет да разговара по телефон и слично. За оваа цел можеме да ангажираме ученици ментори-наши денешни гости или да избереме дечиња од групите.
4. Сега едукаторот преку прашања воведува заедничко решавање на неколку примери кои ќе помогнат за разбирање на задачите на секоја група. На пример прашува: „Што прави Лео?„„Лео спие„ „Која група треба да го запише зборот спие?(Групата-глаголи) Каква боја е автомобилот во раката на другарчето? Која група треба да го запише тој збор?(Групата со придавки) Со неколку примери задачите за групите стануваат јасни и играта може да почне.
РАБОТА НА ТИМОВИТЕ:
1-Дечињата работаат тимски, имаат задача да соработуваат на ниво на група со цел да запишат што повеќе точни зборови согласно она што го гледаат на сцената. На овој начин спонтано учат едни од други, го самооценуваат своето знаење во споредба со активноста на другите учесници, меѓусебно се оценуваат-стануваат свесни за индивидуалните постигања. Следниот пат кога планираме изведување на ваква активност со цел утврдување, можеме да ја најавиме играта од претходниот ден. Така секој ученик ќе биде поттикнат да си повтори за да може да може што повеќе да придонесе за успехот на неговата група. На овој начин учењето нема да биде задодевна обврска туку идеја за унапредување на личниот успех и успехот на групата. Не постои ученик која не би се трудел да биде активен за време на активноста. Ги мотивира и слабите ученици подеднакво како и учениците со високо ниво на знаење.
2-Сцената на почетокот е "замрзната", ликовите имаат задача да стојат мирно со предметите во рака, останатите запишуваат се што гледаат.
3-Потоа сцената од време на време, на знак на наставникот "оживува", ликовите се движат, зборуваат, си ги разменуваат, подаруваат предметите, земаат нови предмети, имитираат спиење, јадење....Едукаторот тука се вклучува со предлози, идеи и насоки, доколку има потреба од тоа. Останатите дечиња се обидуваат да запишат што повеќе зборови во својата група.
4-Потоа сцената повторно замрзнува. Децата имааат уште една прилика да запишат зборови според новите промени кои можеле да ги видат на сцената.
5-Сега повторно сцената "оживува". Влегува нов лик, најчесто едукатор или гостин-родител, наставник... Разговара со играчите во средината, ги поттикнува да играат имитации..
Останатите дечиња запишуваат се што гледаат обидувајќи се да извлечат што повеќе зборови од новата ситуација за својата група. Потоа гостинот си оди од играта и сцената повторно замрзнува.
ЗАПОЧНУВАМЕ СО РОТАЦИИ НА ГРУПИТЕ:
1-Дечињата имаат задача да проверат што запишувале другарчињата од претходната група. Секој запишан збор или реченица со кој се согласуваат треба да го обележат со срценце до него. За пронајдените грешки се консултираат со едукаторот. Имаат право да допишат соодветни зборови по своја проценка, што уште може да се запише тука.
2-Потоа следува нова ротација со исти задачи. Ротациите продолжуваат додека сите групи се вратат на местото од каде ја почнале играта. На овој начин секој ученик ги поминува различните вежби поставени во групите.
3-На крајот, штом се вратат на своето место, групите прават нов преглед за да откријат што ново стои запишано на нивните листови.
Ликовите кои стојат во средината за време на ротациите се менуваат со нови дечиња, по избор на наставникот, така да групите добиваат прилики- да проверат што е претходно запишано, да допишат она што сметаат дека е потребно но и да запишат нови зборови согласно тековната промена со новите ликови.
Едукаторот може слободно истовремено да ја оценува индивидуалната работа на дечињата, во листа за следење на постигањето на целите и соработката. Со тоа не би требало да ги оптеретува дечињата бидејки во случај кога би знаеле дека се оценувани играта би се претворила во страстен натпревар во кој би се изгубил најпрвин тимскиот дух во самите групи а потоа и помеѓу групите. Тогаш играта би била борба за главен збор, сконцентрирана на барање туѓи грешки со цел да се докажува колку другите грешат.
Слична активност може да се изведе со поставување на сцени со гумени ликови-играчки, предмети и слично, па дури и со слика.
Активноста опишана во примеров беше изведна со 20 дечиња од второ, трето и четврто одделение. Верувам дека со 20 до 25 дечиња слободно може да се изведе без застој, со сите опишани чекори. Всушност, и воопшто не се оптеретувајте со поставените чекори. Започнете спонатана игра во која сами, лесно ќе проценувате што е забавно но и корисно да се менува и применува до крај. Се што е неоходно е-играта да започне. Потоа сите идеи доаѓаат сами по проценка на ситуацијата а во насока на реализација на целите за утврдување на поимите и претставите за именки, придавки, глаголи, видови реченици. Затоа, обидете се и Вие. Навистина е забавно.
Автор Весела Богдановиќ
Март 2016 година
Активноста беше изведена во ПОУ "Кочо Рацин" с.Трновци, во креативната училница на учителката Ленче Стојановка . Соработници-Ленче Стојановка и Дунавка Коштревска.
Активноста ја следеше и оценуваше Анета Николовка, педагог и директор
|