Тајната на дрвеното ковчеџе- Домашна декорација за творечка стимулација
Ја знаете ли бајката„Тајната на заклучениот град„ или „Добриот, лош чувар на снежниот, летен, град„?
Можеби ја знаете онаа за заклученото царство и осамената бабичка?.... Не ги знаете?
Не ги знаеме ниту ние затоа што до сега никој не се сетил да ги напише а ние еве токму сега размислуваме која прва да си ја измислиме инспирирани од овој наш креативен украс. Ако и Вам ви се допаѓа идејата да си ја украсите дневната соба со една ваква инспиративна декорација која поттикнува истражување, пишување, раскажување, ние сме тука со бесконечни идеи за супер примена.
НАЈПРВИН ПОДГОТВЕТЕ ГО КОВЧЕЏЕТО
Креативните личности со уживање ќе работаат на ова супер изненадување за дечињата. Празното ковчеџе можете да го купите за 2 еврa во кинеска продавница. Потоа направете „попис„ низ вашите фиоки и низ играките на дечињата за да одберете ситни фигури кои би можеле да се вклопат во внатрешноста на ковчегот. Потребни се и ситни и средни камчиња, суви тревки и цветови, пластични тревки...За да ги фиксирате предметите и да ја оформите макетата во внатрешноста на ковчегот, најпрвин целото дно на ковчегот обложете го со дебел слој пластелин(или глинамол). Потоа формирајте ја сликата со боцкање на предмети во меката подлога. Куќички можете да направите и со цртање врз камчиња со соодветна форма (ПРИМЕР тука)
Ова навистина може да биде супер весело изненадување за вашите дечиња или сепак, можеби и вие ќе се одлучите да ја работите кутијата заедно со нив. Активностите на возрасните се модел и инспирација за дечињата. Верувам дека и вашето дете, внуче, ќе биде среќно со возрасен кој понекогаш си игра креативност наместо возрасен кој секогаш гледа тв серии во слободното време. На крајот, штом завршите со обликување на содржината на ковчегот, заедно со детето напишете писмо во кое ќе објасните како се изработува декорацијата во него. Така детето задоволно со интересната задача, ќе вежба пишување, креирање изразни реченици, детално упатство. Но, доколку се одлучите украсот да го работите самостојно, Вие напишете писмо во које ќе ја објасните постапката за изработка и потоа понудете го на детенцето заедно со спремното изненадување. Верувајте, секое дете со интерес ќе сака да чита за да ја открие тајната за изработа на ваков интересен украс.
ОД ДЕКОРАЦИЈА ДО ИСТРАЖУВАЧКИ СЕТ
Ajде сега да подготвиме и ново изненадување- нов збогатен подарок за дечињата. Ново, креативно освежување за нашата дневна соба, радост и за дечињата и за нас возрасните. Само за неколку минути, оваа декорација можеме скришно да ја претвориме во вистински истражувачки сет кој со сигурност ќе предизвика нов интерес кај нив. Лупа, пинцета, неколку нови суви тревки, мов, капаче со миризлива сол, едно шишенце со обична вода, едно со солена и трето шишенце со слатка вода...се што ви доаѓа за згодно. За подлога на која ќе стои спремното ковчеже избрав дрвен послужавник, но и капак од кутија за чевли може да послужи за оваа цел. Ситната песок е интересна подлога низ која можеме да скриеме интересни камчиња, полжавчиња, бисери, школки, дрвца, деланки од дрвца,...Дури и кактусот е добра идеја доколку возраста на дечињата дозволува. Така ќе имаат обврска да се грижат за него но и да направат мало истражување за да дознаат кои услови му се потребни за живот. И една мала тегличка со ситни камчиња може убаво да изгледа.
Од стара хартиена кеса , отворена и подгорена на краевите, можеме да направиме писмо-список каде ние ќе ги запишеме сите состојки од овој истражувачки сет а подоцна со негова помош ќе играме интересна игра со дечињата. Во него потребно е прецизно да запишеме се што се наоѓа во сетот, во самото ковчеџе, низ песокта, точен број на бисери, точен број на школки, слатка, солена, обична вода...Што повеќе за читање-тоа поинтересно и корисно за детето. Списокот го виткаме како старинска порака и го подврзуваме со врвка па го оставаме некаде на страна. Сега нашата декорација е спремна и можеме да ги изненадиме дечињата. Се разбира, и содржината на сетот и планираните активности за негова употреба треба да одговараат на возрасните карактеристики на дечињата во домот. Ситните предмети и материјали се опасност за дечињата под 3 години но ако детето е со време правилно насочувано, играта со нив од три години па понатаму може да биде од особена корист за вежби на ситна моторика и координација.
ИСТРАЖУВАЧКИ ИГРИ :
Секое детенце ќе биде љубопитно да разгледа што се има во овој малечок свет. Тоа може да биде секојдневна, интересна, истражувачка и говорна игра. Нашиот Лео има само 2 години и ужива со оваа декорација во собата за дневен престој. Ние сме тука да внимаваме на ситнуриите но тој е веќе научен што се јаде а што не е за во уста бидејки од многу малечок често е во игра со различни ситници, воден од нас возрасните а најмногу од дедо Стево.
Нередот над и под масичката не не загрижува воопшто бидејќи чистењето со правосмукалка одзема неколку минути а сетот лесно се враќа во почетна состојба, за следниот ден. Иако е мал, Лео лесно „влегува„ во приказната за бабичката од кутијата, си игра со неа, ја шетка низ песокта, ни поставува многу различни прашања(каде оди таа, што бара, каде живее)... Сега, секој следен пат бара од нас да му ја раскажуваме приказната за бабичката и заклучениот град а бидејќи таа приказна се роди спонтано за време на првата играта со сетот, ние возрасните сега додадавме нови моменти во раскажувањето, како ќе ни дојде...Но, тој се сеќава како беше и се вклучува да раскаже, обидувајќи се да ни покаже каде грешиме и како беше...Ете колку е интересен и корисен овој сет за нашите малечки.
Но ако детенцето веќе научило да чита тогаш интересно ќе биде да му предложиме да си игра ПРЕДИЗВИК:
Најпрвин ќе треба внимателно да истражува и да запишува се што ќе забележи, запишувајќи го и точниот број на нештото. Интересно ќе му биде да открие што се наоѓа во трите шишенца, колку бисерчиња има низ песокта...Ние можеме да го поттикнеме да бара детално и да запишува секакви ситници.
Потоа, штом смета дека завршило со истражувањето треба да го отвори нашето писмо и да направи споредба на запишаните состојки во двата списоци. Нели е интересно? Замислете кога ова би била игра на две дечиња кои во исто време истражуваат но запишуваат свој посебен список за на крај да направат споредба на своите истражувања...
А може ли еден нов предизвик за некое следно утро?
СО КРЕАТИВНИ ЗБОРОВНИ АСОЦИЈАЦИИ ДО НОВИ ИНТЕРЕСНИ БАЈКИ
Подгответе неколку ситно напишани ливчиња. Обидете се да ги напишете најситно што можете. На пример, врз ковчегот ставете неколку интересни наслови од типот„ Чудесен бело-зелен свет„ „ Тајната на скриениот град„ „Осамениот град и бабичката која сакала да раскажува приказни„....Врз една од школките ставете натпис „ Школата која знае неколку тајни„ На едено од камчињата запишете „ Три капки магична солена вода„ До едно од шишенцата напишете „ Чудната напивка за исполнување желби„....и тнт... И ова ќе биде нов интересен предизвик за дечињата. Бидете прецизни кога му објаснувате кoја е сега неговата нова задача.
Еве неколку конкретни примери за новите предизвици :
А. Користи ја лупата за да ги прочиташ сите записи. Потоа од задната страна на секое ливче запиши своја нова идеја, нов натпис, многу интересен. Или
Б. Користи ја лупата за да ги прочиташ сите записи. Потоа по ред препиши ги сите во својата тетратка и обиди се да напишеш интересна приказна во која ќе искористиш голем дел од нив.
Помогнете му за време на пишувањето доколку работи на активноста Б. Колку и како ќе му помагате можете да процените во зависност од возраста и способностите на детето. Ако е потребно, вие бидете во улога на писар а детето во улога на раскажувач. Обликувајте ги неговите реченици доколку има потреба но тоа правете го ненаметливо, без да ги повредите неговите способности. Заедно со вас ќе стекне навики за искажување/пишување изразни реченици и приказна со правилен тек. Потоа, во некој од следните денови, заедно можете да направите и нова, домашна сликовница украсена со цртани илустрации.
НОВИ ЛИКОВИ ЗА НОВИ ИНСПИРАЦИИ
Ајде повторно да внесеме новина. Порцеланските или гумените фигури лесно можат да ни послужат за освежување, збогатување на овој сет. Ние додадовме дедо дрводелец и необичен слаткар, мераклија за храна, но и по една куќичка, нивни дом. Раскажувањето на новата приказна го поттикнав со разгледување на ликовите, нивно опишување и неколку почетни, „наведувачки„ прашања од типот: Можеби овој слаткар е чувар на добриот, лош чувар на заклучениот град од ковчегот?„ „Што се обидува да направи овој дедо?„ Што се крие во куќичката на слаткарот? „Зошто во градот има и снег и трева, што се случувало таму?„...
И така лесно стигнавме до нова идеја за наша нова бајка. Бајка за градот во кој наутро е лето, попладне е зима а жителите се невидливи веќе подолго време. Напивката од солена вода им помага да станат видливи само на неколку минути а шеќерната вода која може да помогне заклучена е во замокот со невидлива порта. Дрводелецот несакајки го заклучил чудниот град во својот нов ковџег а слаткарот е неколку часа добар и неколку часа себичен па не му дозволува да го ослободи градот..... Обидете се и вие..На овие игри има нема крај а приказните лесно се раѓаат, се раскажуваат или пишуваат кога детската фантазија е вака креативно предизвикана. Дидактичката стимулација е сепак една од најдобрите методи за поттикнување на интерес за литературни творечки активности и учење низ игра.
|